Skip to main content
Култура, Македонија

Битола доби Музеј на христијанското и исламското културно наследство

22/11/2024  00:20

Во Битола вечерва свечено беше отворен Музеј на христијанското и исламското културно наследство, сместен во црквата „Св. Ѓорги“ и Јени џамија. Овој проект, реализиран од Националната установа Завод и Музеј, претставува уникатен пример на културно и духовно единство.

„Без оглед на јазикот на кој му се молиме на Бога, дали го нарекуваме Господ Исус Христос или Алах, сите ние сме верници. Вербата е љубов, а љубовта е тоа што треба да нè обединува“, истакна Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на отворањето. Таа нагласи дека овој споменик сведочи за важноста на заедништвото и отпорот кон глобалните трендови што поттикнуваат поделби и омраза.

Отворањето на музејот е дел од одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Заводот и Музеј во Битола. Директорот Зоран Николовски истакна дека археолошките истражувања во Јени џамија започнале во 2003 година и резултирале со целосна реставрација на првиот дел од објектот.

„Овој музеј ќе ги отвори вратите за јавноста, овозможувајќи посетителите да ја запознаат историјата која датира од 7 до 11 век. Сместен спроти градскиот часовник, музејот ги симболизира длабоките темели на црквата ‘Св. Ѓорги’ и високо издигнатата Јени џамија“, додаде Николовски.

Музејот на христијанското и исламското културно наследство е не само значаен културен проект, туку и моќен симбол на толеранцијата и заедништвото, кој испраќа порака за љубов и разбирање во време на глобални предизвици.