ВМРО-ДПМНЕ, со наредби кон уставните судии да го укинат „балансерот“, создава услови за враќање во 2001 година, вели поранешниот министер за економија и висок функционер во ДУИ, Крешник Бектеши.Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали е претерана реториката во писмата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги испрати до повеќемина странски претставници, во кои, меѓу другото, констатира дека она што се случува по изборите на меѓуетнички план, нè враќа „на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“, Бектеши одговарадекa тоа е одговор на реториката на Христијан Мицкоски.
„Не би рекол дека е претерана имајќи го предвид тоа што ДУИ го има кажано од периодот кога е формирана оваа влада сè до денес и одлуките кои се носат во државата. Незамисливо е за членка на НАТО, премиер да најавува кои одредби би ги укинал Уставен суд, кој треба целосно да биде независна институција. А воедно и да се имплементираат и реализираат во пракса програми на политички партии, како што беше укинувањето на „балансерот“, иако тоа и не е толку голем проблем зашто е само механизам за следење на правичната застапеност. Уставниот суд отиде и чекор напред. Тој ја укина можноста на граѓаните на Република Северна Македонија да се изјаснат на која етничка припадност и припаѓаат“,вели Бектеши.
Ако некој вели дека сме вратени на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година, може ли тоа да се разбере како закана за нова војна, беше следното прашање до високиот претставник на ДУИ.
„Ние сме членка на НАТО, ние сме во 21 век, каде што државата веќе има сили и мехнизми да се седне и да се разговара се со цел да продолжиме на овој пат кој го тресираме сите заедно како држава и што побрзо да се интегрираме во Европската Унија. Такви дестабилизации и тензии, кои беа најавени од господинот Мицкоски, тие се само во неговата глава и во главата на одредени нивни луѓе, сè со цел да се обидат, од тоа што не можат да го реализираат како владина програма и ветување на граѓаните, да ја дефокусираат јавноста“,
рече Бектеши.
Повикан да одговори дали ваквиот став (дека земјата се враќа на условите пред 2011 година) е самообезвреднувачки за ДУИ – дека по 18 години на власт нема постигнато ништо трајно за статусот на Албанците во земјава, поранешниот министер за економија вели дека никој не негира дека има постигнувања во изминатит период.„Ние зборуваме за начелата и столбовите на Охридскиот рамковен договор. Тоа е правичната застапеност, таа е укината со одлуката на Уставниот суд. Како се реализираат сега вработувањата во јавниост сектор“,врати Бектеши.
„Албанците се застапени и Албанците ќе продолжат да бидат застапени, но намерата на ВМРО-ДПМНЕ, која им дава наредби на уставните судии, зашто одлуката во делот на укинување на изразувањето на етничката припадност, која индиректно го укинува „балансерот“ е донесена со надгласување. Уставните судии од македонска припадност ги надгласаа другите членови. Кога се носени одлуките во нашата држава со надгласување на другите етнички заедници? Пред 2001 година“.
На забелешката дека Албанците се далеку позстапени во јавниот сектор отколку што беа до 2011 година, па и на раководни позиции, дека ги има во значаен број и во полицијата и армијата, дека албанскиот јазик е во широка официјална употреба на државно ниво, а во парламентот има функционален механизам кој е брана од етничка мајоризација (Бадентер), Крешник Бектеши коментираше дека актуелните политики на власта не ја носат државата во посакуваниот правец.
„Никој од ДУИ не кажува дека нема достигнувања. Но, ние не сакаме да се вратиме назад бидејќи знаеме како беше пред 2001 година и како е денес. Албанците и другите етнички, заедници заедно со Македонците, ја носат државата напред. Со укинувањето на главните права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, преточен во Уставот на Република Македонија, секако дека намерата не е добра и не одиме во добра насока“,вели ексминистерот од редовите на ДУИ.