Skip to main content
Спорт

Антонио имал тешка сообраќајна несреќа

07/12/2024  19:24

Фудбалскиот клуб Вест Хем преку социјалните мрежи ги информираше навивачите и спортската јавност дека Мајкл Антонио доживеал сообраќајна несреќа.

Во моментов не се познати повеќе детали, но изгледа се работи за нешто сериозно бидејќи во објавата се наведува дека сите во клубот со мислите и молитвите се со Антонио и неговото семејство.

Фотографиите од уништеното Ферари брзо се раширија на социјалните мрежи, но исто така нема потврда дали сликите се автентични. Она што може да се прочита е дека центарфорот на „Чеканите“ со хеликоптер бил префрлен во болница од Епинг Форест во Есекс каде што се вели дека се случила несреќата.

Недолго потоа, на молитвите за 34-годишниот фудбалер од Јамајка им се придружија и другите англиски клубови, пред се оние за кои играше: Ридинг, Шефилд Венсдеј, Нотингем Форест…

„Вест Хем може да потврди дека нашиот центарфор Мајкл Антонио денеска доживеа сообраќајна несреќа. Сите ние во клубот се молиме за Мајкл, неговото семејство и пријателите. Клубот ќе продолжи да ја информира јавноста“, стои во краткото соопштение на социјалните мрежи.

Лондонските медиуми потсетуваат дека ова не е прва сообраќајна несреќа на репрезентативецот на Јамајка по пристигнувањето на Островот. На Божиќ 2019 година, тој го уништи Ламборџинито пред дворот на семејната куќа во Белхам, во јужниот дел на британската престолнина.

Тогаш се помина без последици по здравјето на фудбалерот.

Антонио игра за Вест Хем од 2015 година, одигра 322 натпревари за клубот од источен Лондон и постигна 83 гола. Оваа сезона, еден на 13 натпревари.