Skip to main content
Економија

Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен ‒ девизните резерви се зголемени за 40% за пет години

24/10/2024  09:27

Денарот е стабилен, а гаранција за тоа е високото ниво на девизните резерви, коешто и покрај бројните шокови и натаму расте и на крајот на септември изнесува 4,4 милијарди евра. Сегашното ниво на девизните резерви е повисоко од пред пандемијата за 40%, или за околу една милијарда евра, што е значителен пораст, особено во години исполнети со шокови невидени досега, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на ММФ и Светската банка, во интервјуто за Гласот на Америка.   

„Ова се поволни трендови коишто говорат за натамошно јакнење на општата макроекономска политика и стабилноста на домашната валута. Причините се поповолните надворешни случувања, особено во сегментот на странските директни инвестиции, коишто за првата половина од годината изнесуваат 500 милиони евра, но ова покажува дека се  стабилни и очекувањата на домашните економски субјекти”, посочува гувернерката.

Зборувајќи за инфлацијата, Ангеловска-Бежоска истакна дека во светски рамки и кај нас, сведочиме за постабилни инфлациски движења, односно стабилизирање на инфлацијата. „За ова има две причини ‒ првата е значителното стабилизирање на цените на примарните производи, особено на енергентите и на храната на светските берзи, а вториот фактор е справувањето на централните банки со овие инфлациски движења. Така, како резултат на овие фактори, најновите податоци кај нас упатуваат на значително намалување на инфлациските притисоци. Според податокот за просечната инфлација од почетокот на годината заклучно со септември, таа изнесува 3,3% и во основа е во согласност со очекувањата на Народната банка за просечната годишна стапка за 2024 година од 3,5%, а и во согласност со најновите очекувања на ММФ за просечна инфлација од 3,3%. Меѓутоа, сепак би истакнала дека ризиците постојат и потребно е внимателно водење на политиките во натамошниот период”, посочува гувернерката.


Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска посочи дека и покрај шоковите во изминатиот период, стабилноста на банкарскиот систем беше задржана дури и зголемена отпорноста, што може да се види преку повеќе показатели. Адекватноста на капиталот, како показател за солвентноста на банкарскиот систем, достигна 19%, што е највисока стапка во изминатите две децении, додека квалитетот на банкарските инструменти е значително зголемен, посочува гувернерката.