Skip to main content
Македонија

ФИТР: Државни пари завршувале во фиктивни проекти и приватни фирми поврзани со политичари

29/10/2024  16:35

На денешната прес-конференција, вршителот на должност директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Никола Додов, откри дел од наодите на тековната внатрешна ревизија во институцијата. Според Додов, 60 компании, преку фиктивни проекти, предизвикале штета од околу 3,2 милиони евра на државниот буџет. Овие компании користеле финансиски средства наменети за иновации, но без да испорачаат конкретни резултати. Освен ова, ревизијата открила и неетички практики со примање грантови за слични или идентични проекти од различни фирми, како и вмреженост на некои компании со политички функционери.

Додов посочи дека компаниите, наместо да го реализираат проектот, средствата ги префрлале кон истата фирма за идентични услуги, со што отворил сомнеж за корупција и неетични практики. Една од фирмите чиј управител е во роднинска врска со високи функционери од претходната влада на СДСМ и ДУИ, добивала средства и за уште четири други компании кои го добиле истиот вид поддршка.

Злоупотреба на средства наменети за иновации и технологија

Како што информираше Додов, 50 приватни здравствени установи користеле средства од Фондот за набавка на медицинска опрема за време на ковид-кризата, што е спротивно на Законот за трговски друштва. Средствата биле употребени за набавка на апарати кои недостасуваат во државните болници, иако ФИТР има обврска да финансира само старт-ап компании, а не приватни здравствени институции.

Три милиони евра ненаплатени долгови и фиктивни ангажмани

Покрај ова, новото раководство открило ненаплатени долгови од претходни договори со оперативна добивка и ројалти во износ од 80 милиони денари (1,3 милиони евра), што предизвикало големи финансиски загуби за Фондот. Додов истакна дека во ФИТР биле ангажирани само осум вработени, додека 40 лица работеле со договор на дело и примале хонорари до 60.000 денари месечно, а дел од нив воопшто не доаѓале на работа.

Претстојни правни мерки и идентификација на вклучените фирми

Додов објави дека институцијата ќе поднесе кривични пријави и граѓански парници против компаниите кои сториле злоупотреби, а наскоро ќе бидат откриени имињата на вклучените субјекти. “Нашиот фокус во наредниот период е целосно наплата на останатите долгови кои произлегуваат од прекинати договори, неправилно и несовесно работење, како и од неисполнување на проектни активности,” истакна Додов.