Skip to main content
Македонија

Филипче: Неприфаќањето на лидерска средба е сигнал за политички интерес од тензиите

02/12/2024  21:20

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ предупреди дека одбивањето на иницијативата за лидерска средба ќе испрати опасна порака – дека некои политички фактори можеби имаат интерес од продолжување на тензиите. Тој повика на итен политички дијалог за да се надмине тековната криза и да се спречи нејзина ескалација.

Филипче објасни дека во вакви критични моменти лидерите на најголемите политички партии мора да покажат зрелост и да ја стават добросостојбата на граѓаните и на државата пред сите други интереси.

Тој ја истакна важноста на лидерската средба како единствено решение кое може да ја смири наелектризираната атмосфера и да испрати јасна порака до јавноста.

„Само од еден таков медиум, како лидерска средба, граѓаните може да сфатат и разберат и вистински да ја примат пораката дека навистина ситуацијата треба да се смири. Инаку, ризикуваме таа сериозно да ескалира“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и другите политички лидери да ја поддржат оваа иницијатива, подвлекувајќи дека одбивањето на учеството само ќе го засили сомнежот за политичка калкулација.

За СДСМ, стабилноста и мирот се највисок приоритет, потенцира Филипче и повика на заедничка одговорност за зачувување на соживотот и иднината на земјата. Секое одбивање на оваа иницијатива би било чин на неодговорност и индиректна потврда на интерес од продолжување на кризата, смета претседателот на СДСМ.