Првата седница на српскиот парламент по трагичниот настан во Нови Сад, на почетокот на месецов, кулминираше со физичка пресметка меѓу пратениците од владејачката коалиција и опозицијата. Непосредно пред дебатата за предлог-буџетот за 2025 година, тензиите ескалираа во директен судир со удари, клоци и фрлање вода.
Седницата беше дополнително обележана со транспаренти и обвиненија. Опозицијата ја нападна власта со транспарент на кој српскиот претседател Александар Вучиќ беше прикажан со „крвави тупаници“, додека пратениците од владејачката коалиција одговорија со пораки како „жолти крадци“ и транспарент кој гласеше „Србија сака работа“.
Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, се обиде да ја смири ситуацијата, но конфронтациите продолжија и по интервенцијата на обезбедувањето.
Опозицијата ја обвинува владата за корупција и бара одговорност за трагедијата во Нови Сад, каде што загинаа 15 лица. Тие побараа оставки од премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, како и изгласување недоверба на владата – предлог што не беше вклучен на дневниот ред.
И покрај обидите да се продолжи со работата, напнатоста и свирежите во салата го одбележаа денот, оставајќи го прашањето за одговорноста за трагедијата сè уште отворено.