Skip to main content
Свет

Трамп сака крај на војната во Украина и во Појасот Газа

12/12/2024  17:54

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во интервју за „Тајм“ (Time) ја критикуваше Украина поради употребата на американски ракети со долг дострел врз територијата на Русија.

Трамп, запрашан дали ќе ја напушти Украина, истакна дека ќе ја искористи американската помош за Киев како алатка против Русија во преговорите за ставање крај на војната.

– Сакам да постигнам договор, наведе Трамп, додавајќи дека „единствениот начин на кој може да се постигне договор е да не се напушти (Украина)“.

За време на кампањата, Трамп неколку пати изјави дека доколку биде избран, во рок од 24 часа ќе постигне мировен договор помеѓу Русија и Украина. Подоцна призна дека е покомплицирано отколку што мислел.

Тој во интервјуто за „Тајм“ посочи и дека сака да стави крај на војната во Појасот Газа и оти тоа го знае и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Трамп истакна дека за својот став го известил Нетанјаху во телефонски разговор за време на претседателската кампања. Но, на прашањето дали му верува на Нетанјаху, новоизбраниот американски претседател истакна дека „не верува никому“.