Skip to main content
Свет

Суд во Рим повторно нареди враќање на мигранти од Албанија во Италија

12/11/2024  08:56

Програмата на италијанската премиерка Џорџа Мелони за спроведување на процесот на проверка на барателите на азил во Албанија, надвор од границите на Европската унија, синоќа повторно наиде на пречка – суд во Рим одби да донесе одлука за формалното барање седум мигранти да бидат сместени во прифатен центар во Албанија.

Тие мигранти, некои од Бангладеш, а некои од Египет, беа однесени во Албанија минатата недела, а по одлуката на судот веднаш ќе бидат вратени во Италија со воен брод.

Истото се случи минатиот месец и со првите 12 мигранти во таа програма – тие беа префрлени во Албанија, но само неколку дена подоцна судот го оневозможи со одлуката да го префрли случајот до Европскиот суд на правдата во Луксембург, за да оцени дали земјите на потекло на тие мигранти се безбедни поради евентуална репатријација.

Мигрантите, исто така од Египет и Бангладеш, беа вратени назад во Италија.

Италија и Албанија склучија договор врз основа на кој Италија (со одредени финансиски поволности) отвори два прифатни центра под нејзина јурисдикција во таа балканска земја. Албанија е задолжена за безбедност на тие центри.

Договорот важи пет години и има капацитет да прими 3.000 мигранти месечно.