Skip to main content
Хроника

Скопјанец осомничен за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици во Марино

06/11/2024  09:18

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1, но и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода според член 301 став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот 46-годишен скопјанец, на 2 ноември, управувал автомобил “Хонда” под дејство на опојна дрога. Во селото Марино возел со брзина поголема од дозволената и неоприспособена спрема условите на патот, така што кога се доближил до раскрсница меѓу две улички не забележал дека на коловозот има жена-пешак. Неможејќи навреме да запре, со автомобилот удрил во телото на жената, која се  здобила со тешки телесни повреди и починала. Осомничениот, по несреќата, веднаш го напуштил местото на настанот и се обидел да го прикрие стореното кривично дело.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.