Родителите од Општина Кисела Вода вечер ќе имаат можност да разговараат и подетално да се запознаат со проблемот со врсничкото насилство во рамки работилница која ќе се одржи во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Ова е шестта едукативна средба наменета за родители во рамки на општествено одговорната кампања „Крени глас – Стоп за булинг“.
За стручниот аспект на темата, со родителите ќе дискутира психологот Деспина Стојановска. Во првиот дел од „Крени глас против врсничко насилство“, таа одржа работилници со ученици од над 150 училишта кои што се дел од 26 општини што се приклучија и ја поддржаа кампањата на „Макпетрол“, компанија која е организатор на работилниците.
-Ваквите едукативни средби на децата и на учениците им обезбедија можност да се стекнат со знаења за булингот. За нив, но и за нивните родители и наставници, македонската компанија испечати и достави прирачници за полесно справување со овој сериозен проблем, велат организаторите.
Работилницата во Кисела Вода доаѓа по петте претходни вакви настани беа организирани и во Карпош, Аеродром, Центар, Куманово и во Кочани, каде што учествуваа и граѓани од Виница и Берово.
-Родителите на овие средби не само што ги продлабочија своите познавања за врсничкото насилство, туку и отворено и конструктивно ги споделија своите искуства и разменија мислења поврзани со оваа тема.
На овие средби учествуваа и членови на стручните служби на основните училишта кои од свој агол зборуваа за работата со децата во случаи на булинг, велат организаторите.