Манчестер Јунајтед се откажа од Пол Погба, кој по периодот во младинските категории на тимот од „Олд Трафорд“ прејде во Јувентус, каде што стана еден од најдобрите фудбалери во светот.
Подоцна, тој се врати во Јунајтед во рекорден трансфер, но повторно не се пронајде среќен во славниот англиски клуб. Потоа повторно се врати во Јувентус, но тогаш започнаа проблемите. Најпрво се соочуваше со повреди, а потоа беше суспендиран поради допинг.
Сепак, суспензијата му беше намалена од четири години на 18 месеци и сега се очекува неговото враќање на теренот.
Во интервју за „Дејли Мејл“, Погба на многу интересен начин го коментираше својот однос со Жозе Мурињо, со кого соработуваше во Манчестер Јунајтед.
„Нашиот однос беше како момче и девојка, постојано се каравме и се миревме. Почна одлично, тој беше една од причините зошто се вратив во Манчестер, бидејќи претходно разговарав со него и ме убеди да се вратам. Не знам зошто тоа се претвори во кошмар и постојани расправии. Јас не ги започнував кавгите. Едноставно, не се сложувавме, што понекогаш се случува меѓу тренери и играчи. Имам голема почит кон него. Ако го видам утре, ќе го прегрнам! Но, еден ден ќе мора да седнеме заедно и да разговараме за тоа“, изјави францускиот фудбалер, кој напомена и дека би се сложил и на драстично намалување на платата за да продолжи да игра за Јувентус.