Skip to main content
Македонија

Одбележан Денот на МАНУ

28/11/2024  15:15

На 27 ноември 2024 година, се одбележа Денот на МАНУ, одбележување од историско значење и за Академијата и за државата поради стожерната улога на оваа национална институција во зацврстувањето на државноста, самобитноста и националниот идентитет.

Одбележувањето почна со свечено положување цвеќе на споменикот на Блаже Конески, еден од основачите на МАНУ и истакнат македонски општествен деец и научник.
Во Свечената сала на МАНУ, пред присутните членови, вработените во институцијата и гостите, како и високи претставници на државниот врв, претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов одржа поздравна реч, истакнувајќи го ревитализирањето на конекцијата меѓу МАНУ и врвот на државата како потег што заслужува посебно внимание и како најдобар начин, наместо празни предвидувања, да се пристапи кон заедничко креирање на иднината.

По обраќањето на претседателот Попов, беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески” на годинашниот добитник, еминентниот јапонски лингвист и истражувач, вљубеник во македонскиот јазик и култура, Мотоки Номачи, а пригоден говор во негова чест одржа акад. Марјан Марковиќ.

По доделувањето на признанието, во Амфитеатарот на МАНУ, свечено беше промовирана книгата со наслов „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 – 1917″, во издание на МАНУ. Приредувач на трудовите претставени во ова значајно издание е акад. Катица Ќулавкова, а за значењето на Зборникот, во улога на промотор, говореше проф. д-р Митко Панов.