Очекувано, косовскиот премиер Албин Курти на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Христијан Мицкоски, во Приштина, Косово, доби и прашање за употребата на албанскиот јазик во Македонија, чија употреба според опозициската ДУИ билa загрозена.
„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина”, кажа Курти.
Тој се осврна и на оценувањето на Законот за употреба на јазиците, кое треба да го направи Уставниот суд следниот месец.
Ова прашање е на Уставниот суд во Северна Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени”, рече тој, потенцирајќи дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија, кој, според него, нема да
направи ниту исклучување, ниту
дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
Мицкоски, одговарајќи на истото прашање, посочи дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд биле избрани во време кога на власт беа ДУИ и СДСМ.
,,Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание и сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии во Македонија, што не е така. Сите треба да знаат дека од првиот со последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ-ДУИ”, кажа тој, потенцирајќи дека ставањето на тоа прашање во фокус го прават сите оние политичари
што се темни сенки од минатото, што не можат да се слушнат да говорат за предлози и реформи во економијата, даночниот систем, образованието, туку единствената карта на која ја темелат децениската кариера е криминал и корупција и етнички конфликти.