Skip to main content
Скопје

„Моето детство е моја приказна“: Герила акција за подигнување на свеста за приватноста на децата во дигиталната ера

20/11/2024  08:35

Уметникот Озбек Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), организираат герила акција под наслов „Моето детство е моја приказна“, по повод Светскиот ден на детето.

Оваа акција, како што информираат организаторите, има за цел да ја подигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот.

Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот“ финансиран од Европската унија.

Акцијата испраќа силна порака дека иако споделувањето на моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност.

Истражувањата, како што е наведено во соопштението, покажуваат дека фотографии и видеа, споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација.

Според проценките, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување вакви содржини.