Skip to main content
Македонија

Мицкоски од Салцбург: Уставните промени нема да ги решат блокадите на патот кон ЕУ

21/10/2024  15:28

Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, денеска учествуваше на 20-тиот Европски самит во Салцбург, посветен на Европската Унија и потребните реформи. Во своето обраќање, тој ја истакна долгогодишната блокада на државата поради билатерален спор со источниот сосед, што го забавува евроинтеграцискиот процес.

„Предолго трае интеграцијата на нашата држава во ЕУ. Проблемот лежи во билатерални спорови и обврски што ни се наметнуваат, без конкретни резултати. Народот е се повеќе фрустриран, бидејќи секој пат се појавува нов услов кој го одложува процесот,“ рече Мицкоски. Тој нагласи дека државата често добивала зборови, но не и дела од страна на меѓународните партнери, додавајќи дека тие само наметнуваат обврски, а резултати недостигаат.

Осврнувајќи се на барањето за промена на македонскиот Устав и внесување на Бугарите како уставно призната заедница, Мицкоски укажа дека и по ваквиот чекор не постојат гаранции дека тоа е последниот услов. „Дури и да го промениме Уставот и ги внесеме Бугарите, нема гаранции дека за шест месеци нема да има ново барање,“ истакна тој.

Премиерот, исто така, потсети дека источниот сосед не ги почитува 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, кои се однесуваат на регистрација на здруженија на Македонци во соседната држава, што дополнително го комплицира процесот на евроинтеграции.

Мицкоски предложи можен компромис во рамките на разговорите со ЕУ, повикувајќи се на примерот на Преспанскиот договор, каде што одредени уставни измени би стапиле на сила само по влегувањето на Македонија во Европската Унија. „Ова би бил заштитен механизам од дополнителни условувања и би обезбедил стабилност на процесот,“ изјави премиерот.