Skip to main content
Македонија

Левица со амандмани бара изградба на „Чебрен” и гасификација на Македонија

13/11/2024  09:34

Интегрален текст од соопштение на Левица:

Иако премиерот Мицкоски најави дека изградба на когенеративни централи што ќе произведуваат електрична енергија на гас, во Предлог-Буџетот, кој е веќе влезен во собраниска процедура, средства за ваква намена не се предвидени. 

Оттука, пратеничката група на Левица поднесе низа амандмани на Предлог-Буџетот, токму во насока на унапредување на домашните капацитети за производство на електрична енергија и за ефективно намалување на енергетската зависност на државата, како и за изградба на првично потребната инфраструктура за гасификација на Македонија. 

Со еден од предлог амандманите на пратеникот Амар Мециновиќ, се бара одвојување на средства за конечно отпочнување на изградба на енергетски капиталниот хидроцентралата „Чебрен”. Со овој конкретен амандман, парите предвидени за наоружување ќе се пренасочат за првата фаза на изградбата на стратешкиот проект Чебрен. Потсетуваме дека премиерот Мицкоски, под притисок на експертската фела, ретерираше од неговите првични ставови за изградба на овој проект од страна на приватен инвеститор и токму Мицкоски во опозиција најавуваше дека државата мора да го гради ваквиот капитален енергетски проект. 

Со друг амандман пак, поднесен од страна на пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, се предлага зголемување на средствата во потпрограмата определени за гасификација, затоа што првично предвидените средства во Предлог-буџетот воопшто не соодејствуваат со описот и целите наведени во потпрограмата. Пратеникот Реџеп Исмаил дополнително поднесе амандман со кој се предлагаат средства за активирање на домашните рудни капацитети за јаглен со подземна експлоатација на рудникот „Живојно,  чии количини би овозможиле непречено работење на РЕК Битола во наредниот период, со што ќе се спречи евентуално покачување на цената на струјата поради увозот на скап јаглен од соседството. 

Распродавањето на природните ресурси, давањето под концесија на националните води и либерализацијата на пазарот ги прави македонските граѓани кираџии во сопствената куќа. Стратешките индустриски капацитети, особено во енергетскиот сектор, мора да бидат во државна сопственост, затоа што суверенитетот на секоја држава произлегува и од самата енергетска независност.