Туризмот сочинува една петтина од економијата на Хрватска, а зад нас имаме успешна туристичка година, како што покажуваат бројките. Подобро беа исполнети сместувачките капацитети кои се поквалитетни. Хотелите со 5 ѕвезди биле пополнети за 96,5 отсто во средината на август, а хотелите со 4 ѕвезди за 92,5 отсто, изјави Вељко Остојиќ, директор на Хрватското туристичко здружение на 26-от Конгрес на хотелиери.
Тој наведува дека глобалната геополитичка ситуација ни носи одредена доза на неизвесност, имајќи предвид дека економските движења, вели, не се најдобри, особено во Германија и затоа е исклучително важно да се зајакне инвестицискиот циклус во хотелиерството и поттикнување на работата на локалното население и обезбедување побрзо добивање работни дозволи за странски работници.
Министерот за туризам и спорт, Тончи Главина, признава дека не било лесно во претходната сезона и дека претстојат тешки години, јавија хрватските медиуми.
„Во 2025 година очекуваме раст и завршување на неколку големи инвестиции, пред се во хотелиерството“, рече Главина, наведувајќи дека досега има најголем бран инвестиции во туризмот.
Директорот на Хрватскиот туристички одбор, Кристјан Станичиќ, рече дека во 2025 година гостите сакаат пред се вредност за парите.
„До крајот на годината може да очекуваме околу 21 милион туристи и, според предвидувањата, околу 15 милијарди евра приход од странски туристи, додека за 2025 година треба да размислиме за цените, бидејќи доколку се придружени со квалитет, нема да има проблеми, но ако не, ќе има бариера. Истражувањата покажаа дека во 2024 година бевме малку поскапи од Грција и Шпанија, како и дека околу 80 отсто од Европејците ги менуваат своите навики за патување поради климата, безбедноста и цените“.
„Ако ја споредиме Хрватска со другите земји, ќе видиме дека во август цените во Германија биле за 5 отсто повисоки од овде, во Франција за 9 отсто, а во Италија за 1 отсто“, додава Станичиќ.
Од друга страна, наведува дека цените во Португалија биле за 28 отсто пониски од хрватските, во Шпанија за 21 отсто, а Грција имала 17 отсто пониски цени од Хрватска.
„Албанија понуди 52 отсто пониски цени од цените што Германците ги сретнаа овде во екот на сезоната“, рече Станичиќ.