Веќе петти ден откако нема ни трага ни глас од Лидија Трајковка, од с.Јурумлери, скопско. Семејството е во исчекување и бара одговори.
Нема нови траги, ниту повици со нови информации кај најблиските на Лидија, а полицијата вели презема низа мерки и активности со цел пронаоѓање на исчезнатата Л.Т. (43).
Утврдено е движењето на жената, при што од раскрсницата од с. Јурумлери се упатува кон патот кој води кон Драчево. Во близина на мостот на р. Вардар, при пребарување на теренот пронајдени се предмети (кутија од цигари, запалка и џемпер). Од страна на нејзиниот сопруг препознаени се кутијата од цигари и запалката, односно од негова страна е потврдено дека се нејзини, додека за џемперот се изјаснил дека не е нејзин.
Исто така, од страна на полициски службеници од СВР Скопје извршени се обиколки по течението на р. Вардар, заедно со граѓани и роднини на исчезнатата.
Искористен е и дрон во потрагата при што е извршено воздушно пребарување по течението на р. Вардар во должина од скоро пет километри се до с. Огњанци. Дополнително пребарана е и пошироката околија и напуштени објекти.
Потрагата продолжува интензивно и денеска, се до пронаоѓање на лицето, ни одговорија од МВР, но сепак не ни прецизираа на кој начин продолжува потрагата.
Семејството во разговор со 24Инфо уште пред неколку дена истакна дека е побарано да се вклучат и кучиња трагачи во потрагата по Лидија, но од МВР останавме без одговор по тоа прашање, дали тие се веќе вклучени или пак не.
Не ни одговорија ниту на прашањето дали ќе биде поднесено обвинение против личноста која преку телефонски разговор сакаше да изнуди пари од семејството на Лидија, лажно претставувајќи дека има важна информација поврзано со нејзиното исчезнување.
Како што ни беше објаснето од страна на Александар Јосиќ, братот на Лидија, ова лице е осуденик за убиство, а од него побарал 500 евра пред добивање на “информацијата” и 500 евра по добивање на “информацијата”.
Н.Ј.