Одговор на новинарско прашање, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ
„Наместо вистински реформи во судството, јавноста сведочи на закани од премиерот Мицкоски и неговата Влада. Ова е опасен преседан што открива лоша и недемократска тенденција – наместо да гради независен правосуден систем, Мицкоски се обидува да го зароби и стави под целосна партиска контрола. Ова не се реформи, туку отворен обид за уништување на демократијата и владеењето на правото. Очигледно е дека целта на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била да создаде независно правосудство. Напротив, нивната стратегија е јасна: со уцени, закани и апсења, сакаат да воспостават правосудство што ќе служи исклучиво на партиските интереси на оваа влада. Тоа е недозволиво и мора да биде осудено од целата демократска јавност. СДСМ потенцира дека секоја реформа во правосудството мора да биде спроведена исклучиво низ демократски процедури – транспарентно, објективно и задолжително поддржано од меѓународната заедница. Сè друго претставува пат кон диктатура. За само шест месеци, Мицкоски успеа да ги покаже своите вистински авторитарни тенденции. Прво со заробување на безбедносните служби и масовната партизација низ институциите, потоа со обидот за целосно партизирање на Советот за граѓански контроли, а сега и преку најавата за апсења на судии и обвинители. Она што на Груевски му требаше една деценија, на Мицкоски му беше доволно шест месеци. Ова е страшно и претставува сериозна закана за демократскиот развој на Македонија. СДСМ апелира до граѓаните, меѓународната заедница и сите институции што ги почитуваат демократските вредности да не дозволат авторитарните апетити на Мицкоски да го уништат она што е градено со години. Демократијата, владеењето на правото и независноста на институциите не смеат да бидат жртва на ничии лични или партиски амбиции.“