Skip to main content
Свет

Еден ден по несреќата во Црвеното Море пронајдени се пет преживеани

27/11/2024  07:52

Египетските спасувачи пронајдоа четири тела и пет преживеани вчера, за време на потрагата во Црвеното Море, еден ден откако потона туристички брод со 44 луѓе.

Досега се спасени вкупно 33 лица, но потрагата по седум исчезнати лица се уште трае, соопштено е во вторникот вечерта.

Идентитетот на жртвите се уште не е официјално објавен. Според Би-би-си, меѓу исчезнатите се и двајца британски државјани.

Современиот брод со четири палуби превезувал 31 патник и 13 членови на екипажот кога се верувало дека бил погоден од голем бран во близина на Марс Алам, поради што се превртел.

Повикот за помош бил испратен во 5:30 часот по локално време (3:30 по Гринич), потврдија локалните власти.

Според гувернерот на регионот на Црвеното Море, генерал Амар Ханафи, бродот потонал за пет до седум минути, а некои луѓе не можеле да излезат од своите кабини.

Спасувањето започнало веднаш по несреќата. Вкупно 28 лица беа спасени од армијата и еден туристички брод што минуваше во првите часови по несреќата.

Гувернерот исто така изјави дека други преживеани биле пронајдени во областа Вади ел-Гемал.

Според информациите од локалните власти, екипажот на бродот бил од Египет, додека патниците биле од Белгија, Велика Британија, Кина, Финска, Германија, Ирска, Полска, Словачка, Шпанија, Швајцарија и САД.