Skip to main content
Македонија

ДУИ им пиша на САД, ЕУ и НАТО: Ангажирајте се за да нема дестабилизација

07/12/2024  09:28

Демократската унија за интеграција (ДУИ) испрати писмо до Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО, објавува ТВ21.

Во писмото ДУИ апелира за итно и решително делување со цел да се спречи потенцијална дестабилизација во Северна Македонија.

Повод за писмото е претстојната седница на Уставниот суд, каде што ќе се разгледува уставноста на делови од Законот за употреба на јазиците – еден од клучните елементи на Охридскиот рамковен договор.

 ДУИ изразува длабока загриженост дека евентуалното укинување на одредени одредби од законот би ја поткопало меѓуетничката хармонија во земјата и би го нарушило кревкиот баланс кој повеќе од две децении обезбедува стабилност и соживот.

„Охридскиот договор не е само историски документ, туку жива заложба за мир и еднаквост,“ се наведува во обраќањето, со акцент на ризиците кои би можеле да произлезат од ваквата одлука.

ДУИ ги повика меѓународните партнери, кои беа посредници во потпишувањето на Охридскиот договор, да ги искористат своите дипломатски капацитети и да обезбедат зачувување на неговите темели. Во писмото се нагласува дека „поддршката на меѓународната заедница е клучна за зачувување на мирот, стабилноста и евроатлантската перспектива на Северна Македонија.“