Skip to main content
Македонија

ДСЗИ утврди повеќе забелешки за лекувањето на петгодишното дете кое почина минатата недела

11/11/2024  17:59

ДЗСИ ќе иницира постапка за стручен надзор за лекувањето на петгдишното дете на Детската клиника.

Здравствениот инспекторат утврди недостатоци во медицинската евиденција на петгодишното дете кое почина минатата недела на Детската клиника. Велат дека на потврдата за смрт наведена е дијагноза менингоенцефалитис, но истиот не е лабораториски потврден. Обдукција не е извршена на барање на родителите.

Од инспекторатот најавија дека ќе бараат и формирање на посебна комисија која ќе изврши стручен надзор врз лекувањето на детето.

„При надзорот констатирани се недостатоци во однос на водењето на медицинската документација, односно во упатите не е наведена работната дијагноза за пациентот, не се пишувани декурзуси од сите доктори, во Историјата за пациентот недостасуваат планови за лекување за што од страна на ДСЗИ ќе биде издадено решение со наредба за водење на евиденција согласно закон. ДСЗИ исто така има забелешки и во однос на организацијата, работата на Клиниката особено во делот на дежурства кога се ангажираат само специјализанти, а за што од страна на ДСЗИ претходно е издадено решение за кое роковите се во тек“, велат од ДСЗИ.

Детето на клиниката првпат е донесено на 3-ти октомври, поради главоболка и покачена температура. По прегледот му дале терапија и го пуштиле дома. По три дена повторно е донесено на Клиниката со температура и е задржано на болничко лекување. Го воделе повеќе различни лекари, но по две недели состојбата му се влошува и починува.

Од ДУИ и денеска побараа одговорност од министерот за здравство Арбен Таравари.
Министерот за здравство Арбен Таравари сѐ уште не го добил извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од вонредниот надзор на Клиниката за детски болести по смртта на петгодишното девојче со воспаление на мозокот.

Како што рече, очекува да го добие денеска или утре, но по обвинувањата за чести смртни случаи на Клиниката смета дека „посебно албанската опозиција се обидува на секаков начин да прикаже дека сега е сѐ катастрофа откако тие не се на власт“.

За кратко време на оваа клиника починаа три деца.