Skip to main content
Хроника

Голема полициска акција во Валандово: Запленети четири тони марихуана

13/12/2024  09:16

Од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје и СВР Струмица- ОВР Валандово запленети се околу четири тони марихуана од правно лице во село Јосифово- Валандово.

Од претресот беше утврдено дека во 500 кутии со околу 1390 килограми, кои се декларирани со етикета која е залепена на секое пакување дека содржи ТХЦ сув цвет, содржината во пакувањата не содветствува со декларацијата. Од страна на јавниот обвинител издадена е наредба за вештачење до Фармацевтски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на пакувањата кои се декларирани дека содржат марихуана сув цвет со ТХЦ. Од вештачењето е утврдено дека содржината во пакувањата е фалсификувана односно наместо сув цвет на марихуана содржи отпад, гранки, листови, био маса и многу мала фракција на суви мали иситнети цветови, со што е извршено кривично дело по член 95В  и член 29Г од Законот за опојни дроги.

Од страна на ОВР Валандово и ОКП извршени се проверки и повикани се на службен разговор 16 лица, меѓу кои сопственици на правното лице, поранешен управител, обезбедување, како и работници кои биле ангажирани на тримирање и чистење на марихуаната. Утврдено е дека околу 1390 килограми на марихуана е фалсификувана, а исто така утврдено е дека био маса со ТХЦ со вкупна килажа од 1629 килограми, која правното лице било задолжено да ја уништи и да достави известување до Министерството за здравство, истата не ја уништило и при контролата е затекната  во правното лице.
Исто така, утврдено е дека недостасуваат околу 11 килограми марихуана од сортата „булк глубери” и не е доставен доказ каде се наоѓа.

Од контролата и претресот утврдено е дека околу 815 килограми марихуана од реколта 2023 година е спакувана во полиетиленски вреќи, што е спротивно на Законот за контрола на опојни дроги и истата не е соодветно спакувана, складирана и обележана. Вреќите  не се запечатени со сигурносна лента, иако во правното лице биле должни да постапат согласно член 29 Ѓ став 2 по Закон за контрола на опојни дроги.
По обезбедување на сите материјални докази, од страна на ОВР Валандово до надлежното ОЈО Гевгелија е поднесена кривична пријава за извршено кривично дело по член 95 В, 29Г од Закон за контрола на опојни дроги против управителот на правното лице У.Р.Г. (21) од Бугарија, поранешниот управител Љ.С. (35) од Ново Село, против правното лице како и против Б.И. (49) од Нов Дојран, Б.И. (25) од Струмица и Н.Г. (40) од Струмица.

Од страна на јавен обвинител од ОЈО Гевгелија е издадена наредба за одземање на околу 1390 килограми фалсификувана марихуана, околу 1630 килограми био маса со ТХЦ и околу 815 килограми марихуана со ТХЦ.
Исто така, од извршениот претрес и контрола утврдено е дека во правното лице пријавените управители пријавувале помала количина на сув цвет од реалната и констатирани се вишоци на марихуана.
Од страна на Комисијата при Министерство за здравство е изготвено решение за одземање на лиценцата за производство на марихуана за медицински цели на правното лице.