![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/12/468185683_1014333714040404_4593917120876903452_n-1024x683.jpg)
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 превози, со што значително е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.
Герасимовски, го посети четириесет и девет годишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост за да види како се имплементира проектот во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје.
„Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со мултипла склероза и попреченост, но со голема желба за посреќен живот. При вчерашната заедничка средба се воодушевив од неговиот позитивен став за животот – животна филозофија којашто сите ние мора да ја практикуваме без разлика на состојбата во која се наоѓаме. Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември Ве уверувам дека нема да се откажам од грижата за лицата со попречености, како што и самиот Роберт вели „нема откажување, одиме заеднички до подобар живот”, истакнува Герасимовски.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/12/468302361_1014333704040405_8261771651478663536_n-1024x683.jpg)
Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).
Општина Центар, продолжува да вложува во проекти што ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните.
Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисникот при закажување на термин за користење на наменско возило потребно е да даде целосни и вистинити податоци и тоа:
– Лични податоци (име и презиме, телефонски број за контакт и сл.)
– Потребата за користење на придружба за време на превозот со наменско возило и доказ за закажан термин во здравствена установа. Краток опис на здравствената состојба и/или состојбата во кој се наоѓа и причината заради која има потреба од превоз со наменско возило (доколку корисникот е подвижен превозот ќе се реализира со мало наменско возило, а доколку корисникот е неподвижен превозот се вржи со специјално наменско возило)
– Адресата на живеење, односно адресата од која е потребно да се реализира превозот, како и назив, како и адреса доколку ја поседува оваа информација на институцијата до која бара да биде превезен, датум и час на превозот, а во случај на потреба и временски период за враќање
– Податоци за лице и телефонски број на кој ова лице ќе биде контактирано во случај на итна потреба. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.