Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе презема мерки за воздухот и со системски решенија на среден рок ќе обезбеди чиста животна средина

15/11/2024  09:22

Интегрален текст од соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

Загадувањето на воздухот не е проблем што може да се реши во четири месеци власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Нивото на загаденост на воздухот е високо затоа што опозиционите душегрижници, СДС и ДУИ седум години на власт не направија ништо и не преземаа никакви системски мерки кои до сега би дале ефект.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сериозно и посветено работи на спроведување и изнаоѓање решенија за системско решавање на проблемот со загадениот амбиентален воздух.

Амбиенталниот воздух, посебно е загаден во зимските денови со почетокот на грејната сезона, што јасно става до знаење дека начинот на затоплување на домовите е еден од причините за загаденоста.

За таа цел, Владата веќе реализираше една од мерките за субвенциите за инвертер клими за граѓаните која ќе продолжи и понатаму. Дополнително, Владата исто така, ќе обезбеди субвенции и за фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија.

Исто така, ќе се воведат строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе се контролираат најголемите индустриски загадувачи.

Освен ова, Владата ќе започне и програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори.

Сите овие мерки од кои што дел веќе се имплементираат, паралелно со забрзаната гасификација на Македонија и изградбата на когенеративната централа, ќе значат долготрајни решенија за намалување на загаденоста на воздухот и кои на среден рок ќе обезбедат почиста животна средина.