Skip to main content
Скопје

(Видео) Димевски: Во Скопје има 100 јавни објекти кои се затоплуваат нееколошки, со нафта и мазут 

02/12/2024  10:32

Советникот од „Шанса за Центар“ во Советот на Општина Центар, Јане Димевски во подкастот ЗРАК со д-р Марина истакна дека кога се работи за загадувањето на Скопје до сега прстот бил вперуван кон домаќинствата што се греат на дрва, додека изземени биле јавните објекти.

Тој додава дека само во Скопје постојат 100 јавни објекти кои се затоплуваат на нееколошки начин, со нафта и со мазут.

„Мене ме запрепастува таа кусогледост и поставеноста на државата во однос на ова прашање. До сега прстот се посочуваше кон домаќинствата, дека тие се главниот загадувач и дека тоа е тоа. Ние почнавме да мапираме кои јавни објекти користат мазут и нафта во градовите во Македонија. Излезе дека само во Скопје имаме над 100 јавни објекти кои користат мазут и нафта за греење и тоа е во единствениот град со централно парно греење. Тука спаѓаат многу болници, здравствен дом Скопје, во секоја општина повеќето училишта и градинки се греат на нафта, имаме неколку големи болници кои се уште се на мазут, автобазите на ЈСП се на мазут, значи околу 100 такви објекти само во Скопје. Мене ми е запрепастувачки во 2024 година да имаме толку многу јавни објекти што се надвор од мрежата на парно греење“ порача Димевски. 

Димевски посочи и дека урбанизацијата на Скопје има огромен придонес во зголемување на загаденоста и дека поради таквата забрзана урбанизација, веќе некои делови од Скопје веќе воопшто немаат јавни простори со зеленило.