Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја поздравува најавата на Владата за набавка на нови електрични автобуси, но вели дека е задоцнета оти „Владата има мнозинство во Советот на Град Скопје и трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука“.
-Пред советниците беше понудено да имаат транспарентна постапка во која што сите политички чинители ќе можат да учествуваат, за да се нема сомнение во она што ќе се набави. Доколку конечно има таква најава, се е подобро од ова што досега се случува, иако веќе за три години можевме да имаме по 50 нови автобуси. Сепак да им оставиме време и да видиме дали ќе се реализира, кажа Арсовска од гаражите на ЈСП Скопје каде што беше примопредавањето на шесте еколошки автобуси кои се донација од ЕУ.
Арсовска од новинарите беше запрашана и дали размислува за повторна кандидатура за градоначалник на Скопје, со оглед дека локалните избори ќе се одржат за 10 месеци од денеска, на што одговори дека не размислува.
-Од она што се случува во Македонија и Скопје, ова е крајно поларизирана атмосфера во која што политичките елики кои делуваат во државата не сметам дека заслужуваат луѓе кои се обидуваат да придонесат за Македонија. Би сакала да им посакам, барем еднаш, да докажат и покажат пред луѓето дека она што го говорат, ќе можат да го реализираат, за да имаат поддршка од нив. Јас кога се кандидирав за градоначалник ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ која не успеа да се надмине себеси, односно нејзиното раководство. Суетите се преголеми за да дозволите на некого да работи без да му кажувате што и како да прави. Јас никогаш повеќе не би сакала да работам со луѓе кои што само саботираат и блокираат, кажа градоначалничката.
За проблемот со приватните превозници и нивните барања, Арсовска вели дека нивната иницијатива повеќе од четири месеци е пред советниците на Советот на Град Скопје. Градоначалничката истакнува дека само советниците можат да одлучат по ова прашање и барањето за зголемување на цената за изминат километар.