
Вчерашниот ден не смее да се сведе на обична политичка дебата, бидејќи навредите упатени од министерката за финансии, Кочоска, кон пратеничката на СДСМ, Петровска, се навреди кон секоја жена, секој човек кој некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден, порача пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција пред Министерството за финансии.
Тренчевска најави дека покрај барањето за оставка од министерката, СДСМ ќе предложи конкретни мерки за осуда на говорот на омраза и дискриминација во институциите.
„Ќе побараме итна седница на Комисијата за дискриминација, каде што ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација врз основа на пол во институциите. Ќе иницираме законски измени или кодекс кој ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено кога тие доаѓаат од високи функционери. Ова не е политичка пресметка. Ова не е само за Славјанка. Ова е борба за вредности. Ова е порака дека нема да дозволиме омаловажувањето да стане новото нормално со ВМРО-ДПМНЕ на власт”, рече Тренчевска.
На прес-конференцијата, таа нагласи дека секоја жена заслужува почит и подобар живот, а не навреди и дискриминација.
„Граѓаните на оваа држава заслужуваат подобро. Жените на оваа држава заслужуваат подобро. Секој човек заслужува подобро. Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас”, потенцираше Тренчевска.