Search

Ѓоргиев: Историските прашања да не се користат како политичка алатка

Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно, вели историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во изјава за Дојче веле.

Посочува дека за него, најболно било сознанието колку малку се познаваме како општества.

-За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог, и трпение. Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели Ѓоргиев.

Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Зоран Заев во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на генерално погрешен пристап.

-За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение, потенцира Ѓоргиев.

Треба да знаете
Последни објави