Search

Ѓоковиќ застана во одбрана на Федерер откако Швајцарецот доби жесток и неочекуван напад

Новак Ѓоковиќ покажа спектакуларна игра на својот прв меч на завршниот Мастерс во Лондон и комплетно го неутрализираше најдобриот сервер на светот, Џон Изнер, правејќи дури три брејка во мечот кој заврши со 6:4 и 6:3 во полза за Србинот.

Новиот светски рекет број еден говореше за завидното ниво кое го прикажа во „О2“ арената, но исто така на пресот се занимаваше и со едно прашање кое стана крајно актуелно во светската тениска јавност пред почетокот на мечот меѓу Ѓоковиќ и Изнер.

Пензионираниот француски тенисер, Жулиен Бенето сериозно го нападна Федерер и обвини дека добива привилегии од организаторите на најголемите турнири, а особено го спомена Австралија Опен. Бенето вели дека Федерер речиси сите свои мечеви на Австралија Опен во изминативе две години ги одиграл во ударниот термин, односно кога условите за играње се најдобри.

Французинот смета дека со таквиот третман му се дава привилегија на Федерер во однос на другите тенисери кои играат во пеколни услови во попладневните термини, но тоа мислење не го дели Ѓоковиќ кој по победата над Изнер, застана во одбрана на постариот швајцарски колега.

– Видете, оваа дебата се врти во јавноста веќе некое време, но на крајот од денот, тој заслужува посебен третман од луѓето на турнирот бидејќи е шесткратен шампион, а веројатно и најдобар играч на сите времиња. Ако тој не добива специјален третман, кој ќе добива? Луѓето сакаат да го гледаат на централниот терен и сакаат тоа да биде во ударниот термин, а на Род Лејвер арената тоа е во 19:30 часот по локално време. Навистина не гледам силен аргумент за да се создава ваква тензија. Ја сфаќам гледната точка на Бенето, но тој треба да сфати дека Федерер е водечка сила во тенисот во секој поглед. Бенето и слични играчи како него имаа свој бенефит од тенисот, а тоа е поради Рожер. Федерер направи огромна работа за овој спорт, за сите играчи, – порача Ѓоковиќ на пресот, изјава на која се надоврза и Изнер.

– Не гледам на тоа како да им се дава фаворитски систем на одредени играчи. За мене, сите тие играчи кои играат во тој термин го заслужуваат тоа. За мене, Федерер е машкиот тенис, тој заслужува и повеќе од тоа што го добива од организаторите, – дециден е Американецот.

Треба да знаете
Последни објави