Search

Шкупи: Ќе се тестираме во државна институција

Чаирскиот фудбалски прволигаш Шкупи, за кого Синдикатот на фудбалерите објави дека одбил да се тестира, излезе со соопштение за јавноста да ја појасни ситуацијата. Чаирчани  велат дека целиот играчки погон е во карантин во клупските простории и се почитуваат сите пропишани мерки, а дел од играчите веќе се тестирале и нивните резултати се негативни.

Целото соопштение го пренесуваме во целост:

Со оглед на состојбата во нашата земја, од ден на ден бројот на заболени од вирусот Ковид-19 се зголемува. Во овие моменти здравјето на фудбалерите и сите вработени во клубот го ставаме на прво место, парите не ни се потребни. Потсетуваме, веќе неколку дена целиот тим е во карантин во просториите на нашиот клуб, додека пред и после секој тренинг ја мериме нивната телесна температура. Во исто време сите се храниме со наша храна од ресторанот на ФК Шкупи. Значи, сè е под контрола.

Ние сме должни да ве известиме дека пред неколку недели направивме неколку тестови за Ковид-19, а фудбалерите се покажаа како негативни, Ние постојано сме во координација со Институтот за инфективни болести за секоја активност што треба да ја преземеме.

Ние како клуб не прифаќаме да ги правиме тестовите во болницата „Аџибадем Систина“, бидејќи тие не се релевантни, како за нас, така и за многу други институции. Во наредните денови ќе се тестираме во Државната болница на РМ, само чекаме датум кога ќе ни дозволат да ги обавиме тестовите.

Затоа, ги демантираме сите новости објавени на порталите дека ФК Шкупи одбива да направи тестовите за Ковид-19, бидејќи не прифативме истите да бидат направени во споменатата болница.

Уште еднаш ќе апелираме до сите граѓани на нашата земја, спортисти, навивачи, сите оние кои сакаат спорт, да имаат максимална грижа, да ги следат наредбите на здравствените и државните институции, бидејќи ситуацијата е навистина алармантна и мора да бидеме внимателни кон нашите семејства, сограѓани и нашето здравје.

Се надеваме дека оваа ситуација ќе се надмине што е можно побрзо и без загуба на човечки животи.

 

Треба да знаете
Последни објави