Search

Хаџиу: Доколку ЛДК инсистира на претседателската функција ќе се оди на избори

Членката на Претседателството на Движењето Самоопределување (ВВ) Албулена Хаџиу потврди дека лидерот на нејзината партија Албин Курти до крајот на неделава ќе се сретне со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, со цел да постигнат договор за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меѓутоа, вели Хаџиу, доколку ЛДК продолжи да инсистира на добивање на функцијата претседател на државата, кој треба да се бира во април 2021 година, по истекот на мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи, тогаш единствена алтернатива е земјата да оди на избори.

Хаџиу во интервју за агенцијата КосоваПрес негира дека пречка за формирање на коалицијата меѓу двете партии кои победија на октомвриските парламентарни избори е несогласувањето околу поделбата на владините ресори.

– Тоа не стои, затоа што сите министри, без оглед на тоа на кој субјект припаѓаат, ќе поднесуваат сметки пред идниот премиер, Албин Курти, изјави Хаџиу.

Таа изрази оптимизам дека набргу ќе биде постигнат договорот меѓу двете партии за идната влада, затоа што, како што нагласува, освен по прашањето на претседателот на државата, за сите други прашања веќе е постигната согласност.

ВВ победи на изборите од 6 октомври со речиси 26 отсто од гасовите, а втора беше ЛДК со околу еден процент помалку освоени гласови.

Последната средба меѓу лидерите на двете досега опозициски партии, Курти и Мустафа, се одржа на 2 декември и од тогаш нема преговори за идната коалиција. Меѓу причините за прекинот е и отсуството на Курти, кој беше во неколкудневна посета на Германија, од каде што се врати денеска. 

Треба да знаете
Последни објави