Search

Харадинај: Oчекуваме дијалогот да донесе меѓусебно признавање на Косово и Србија

  Косовскиот премиер Рамуш Харадинај смета дека единственото прашање за кое треба да разговараат Косово и Србија е постигнувањето договор за меѓусебно признавање на двете земји во рамките на постоечките граници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на средба со студентите од 28 држави кои учествуваат на Летната академија во Приштина изјави дека „светот треба да се информира за тоа кое е вистинското Косово и која е неговата реалност”.

– Косово е мултиетничка држава, која ги споделува европските вредности. Имаме многу предизвици како млада нација и како општество, а главниот предизвик за нас беше опоравувањето на економијата која беше уништена во војната пред 20 години, поради што и натаму имаме недостаток на работни места за нашата младина, изјави Харадинај.

Како посебен предизвик тој го нагласи постигнувањето доверба меѓу заедниците, при што рече дека извесен напредок во тој правец е постигнат, но има уште работи кои треба да се завршат.

– Исто така очекуваме и договор со Србија за меѓусебно признавање во постоечките граници и се надеваме дека дијалогот ќе го донесе тоа и дека преку тоа ќе можеме да се обединиме со Европската унија, со НАТО, во еден свет во кој ќе се водиме од принципите кои ги застапуваат Соединетите Американски Држави и сите сојузници кои ни помогнаа, изјави Харадинај.

Треба да знаете
Последни објави