Search

Уметникот Глигор Стефанов подари 21 дело на Музејот на современата уметност

Еден од најзначајните македонски современици, уметникот Глигор Стефанов, кој минатата година имаше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност, одлучи делата од оваа поставка несебично да ги подари на музејот. По пат на подарок, уметникот ги пренесе неговите авторски права и овластувања на МСУ за сите дела од поставката „Грабење во просторот“.

„Горди сме што колекцијата на Музејот на современата уметност е побогата за една толку значајна збирка составена од 21 ремек дело на нашиот уметник Глигор Стефанов“, велат од музејот.

Стефанов, кој години наназад живее и работи во Канада, вели дека дарувањето е израз на благодарност и љубов.

„Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на МСУ за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот. Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата ‘Млада генерација’, Соња Абаџиева ме покани да земам учество во изложбата ‘Интервенции во простор’, Зоран Петровски ме предложи за наградата ‘Млад борец’, а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба ‘Критичарите бираат’. Така почна веќе познатата долгогодишната соработка. Конкретно, подарувањето на делата од ретроспективната изложба на МСУ е упатување благодарност кон институцијата и секој еден со кој соработував и работев во минатото и во деновите на подготовки на истата, благодарност до сите што го вреднуваа и поддржуваа моето творештво. Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ се една целина која ја заокружи мојата уметничка активност, која интензивно се одвиваше во 80-тите и 90-тите години на минатиот век и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет“, вели Стефанов.

Треба да знаете
Последни објави