Search

Телефонски разговор Курти – Макрон: Ефикасноста на дијалогот со Србија зависи од учеството на Европа

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти синоќа имал телефонски разговор со претседателот на Франција Емануел Макрон, кого го информирал за актуалната состојба во земјата на здравствен и политички план, како и му се заблагодарил за помошта од Франција и од Европската унија за справување со епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, премиерот го информира францускиот претседател за дејствијата што ги презема владата за справување со коронавирусот и резултатите кои тие ги даваат, нагласувајќи дека борбата против Ковид-19 останува главен приоритет на неговиот кабинет.

Курти му се заблагодарил на Макрон и за заедничката француско-германска изјава во врска со моцијата за недоверба на неговата влада од страна на Собранието на Косово, по што на 13 март му беше изгласана недоверба.

Според косовскиот премиер, „празнината создадена од таа моција не може да се пополни, ниту политичката криза може да се надмине поинаку освен со нови избори, како единствен легитимиен начин за формирање нова влада”.

– Секој друг обид да се продуцира поинаку некоја влада во актуелната состојба на работите ќе помине низ противуставен пат. Новите политички избори се можни единствено откако ќе се реши здравствената криза, се цитира Курти во соопштението.

Во него се додава дека Макрон одал признание на косовската влада за начинот на кој се справува со епидемијата на Ковид-19.

Францускиот претседател и косовскиот премиер разговарале и за дијалогот меѓу Приштина и Белград и за „соодветното ангажирање со цел спроведување на потребните подготовки за вистинско учество на страните во то дијалог”.

Во тој, поглед, се вели во соопштението, Макрон го поддржа возобновувањето на прометот на стоки меѓу Косово и Србија, откако владата на Курти ја укина таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

– Тој вети зголемување на француската и на неговата лична улога во олеснувањето на дијалогот. Тоа ќе биде, според него, и целта на самитот во Париз за односите Косово – Србија, самит кој ќе се организира под покровителство на Франција и Германија, со Европската унија, веднаш штом се создадат потребните услови, се вели во соопштението.

Курти, од негова страна, ветил дека „Европа нема да доживее изненадувања, бидејќи владата гледа на спроведувањето на реципроцитетот како на ефикасно спроведување на тоа што го содржат договорите од Брисел”.

– Курти го нагласи фактот дека ефикасноста на дијалогот зависи од учеството на Европа. Европа не може да биде заменета од некој друг континент, ниту Франција може да биде заменета од некоја друга држава. Европа е и амбиентот и перспективата на нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија, се вели во соопштението од службата за информирање на косовската влада.

Треба да знаете
Последни објави