Search

Тачи: ЕУ не успева да го надмине протекционизмот и небрежноста за регионот

Косовскиот претседател Хашим Тачи, по повод последните заклучоци на Советот за општи прашања на Европската унија (ЕУ) за Косово, вели дека „внатрешните турбуленции ја поматиле визијата на ЕУ” за неговата земја, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи на Фејсбук изрази загриженост поради тоа што ЕУ неправедно го третира Косово поинаку од другите земји.

– Јасно се гледа дека внатрешните турбуленции ја поматиле визијата на ЕУ, која не успева да ги надмине протекционистичкиот инстинк и небрежноста кон целиот регион, посебно кон Косово, напиша Тачи.

Тој додаде дека Приштина не е виновна за внатрешните проблеми на ЕУ, ниту пак претставува некаква закана по неа.

– Ние не можеме да бидеме обвинети за намалувањето на улогата на ЕУ во регионот и во Косово поради нејзините постојани неуспеси. Додека соседните држави, како Албанија и Северна Македонија очекуваа супстанцијални вести на нивниот пат кон зачленување во ЕУ, ние чекавме нешто сосема минимално. Ние очекувавме само едно позитивно рефлектирање што се однесува до ставањето крај на неправедната изолација на косовскиот народ, порача Тачи.

Тој исто така ги повика косовските институционални и партиски лидери да работат попосветено на подобрувањето перспективите на Косово за зачленување во ЕУ и НАТО.

– За жал, ЕУ го третира Косово поинако споредено со другите држави и оваа неправда не може да помине незабележана. Меѓутоа, не поминува незабележан и недостатокот на конструктивна посветеност на нашите државни институции за координација на стратешките дејствија во интерес на земјата, напиша Тачи.

Советот за општи прашања на ЕУ вчера побара од косовските власти укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, додека за укинување на шенген-визите за земјата порача дека „знае оти процесот на визна либерализација е значаен процес за граѓаните на Косово, меѓутоа одлуката за негова финализација се уште е во фаза на разгледување”.

Треба да знаете
Последни објави