Search

Стружанец казнет со 3.000, битолчанка со 2.000 евра оти не седеле во самоизолација

Основното јавно обвинителство Битола поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице кое го сторило кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик и побара од судот да изрече парична казна со определување на висина на казната на 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.

Обвинетата на 26.06.2020 година не постапила според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на коронавирусот. Таа согласно издадено Решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат  била ставена под здравствен надзор и домашна изолација во траење од 14 дена од последниот контакт со лабараториски докажано заболено лице со заразна болест чиј причинител е коронавирус COVID-19. Но, при извршената контрола од полициски службеници од СВР Битола, не била затекната во станот каде требало да биде во домашна изолација.

Од Јавното обвинителство Струга информираат за тројца обвинети кои во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело -непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од нив не ги почитувале мерките и одлуките за забрана на движење на населението, па за време на полицискиот час на 5 и 7 јуни 2020 година, без дозвола, пеш се движеле низ околината на градот.

Еден од обвинетите не постапил согласно донесено Решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат со кое му била определена задолжителна самоизолација. При проверка од надлежни лица, на 4 јуни 2020 година тој не бил затекнат во својот дом.

Основното јавно обвинителство Струга со предлозите за издавање казнени налози побара од Судот на обвинетите да им изрече парични казни во износ од по 100 дневни глоби, со предлог да ја определи висината на дневните глоби за секој од нив на по 30 евра во денарска противвредност.

Треба да знаете
Последни објави