Search

Со претставата „Странци” завршува 54. МТФ „Војдан Чернодрински”

Со претставата „Странци” на Драмски театар од Скопје вечер завршува официјалната програма на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во Прилеп. Оваа е последната од осумте претстави на македонските театри кои конкурираат за најпрестижното признание – најдобра претстава на Фестивалот.

Во 11 часот во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков” под наслов „Сонот на модерната драма” ќе биде презентиран Македонскиот центар на ИТИ.

Утре на пладне, на последниот фестивалски ден, жирито во состав Бедија Беговска, Маја Вељковиќ Пановска и Љиљана Богојевиќ ќе ја соопшти одлуката која претстава е најдобра. Утревечер ќе бидат доделени наградите, како и нововостановената награда на публиката која првпат гласа по секоја претстава.  Во чест на наградените ќе биде одиграна претставата „Силјан Штркот шанца” од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанакијевиќ, а во изведба на МНТ од Скопје со што ќе биде спуштена завесата на годинашниов МТФ „Војдан Чернодрински”. Во конкуренцијата за најдобра претстава  се: „Макбет” на МНТ, „Бакхи-краток преглед на распадот” на Битолскиот театар, „Физика на тагата” на Кумановскиот  театар, „Животинска фарма” на Струмичкиот театар, „Смртта на Дантон” на Албанскиот, „Пиреј” на Прилепскиот, „На отворено” на Театар Комедија и вечерашната, „Странци” на Драмски театар.

Фестивалот донесе уште шест претстави во придружната програма, промоции на театарска литература, презентации, промовирани признанија за преводи. Вниманието го привлекоа трибината „Ова е наше време, време за театар”, што е и слоганот на Фестивалот, а отворено проговори за состојбите во македонскиот театар, за драмските автори, односот спрема фестивалите, како и обновените по 20-ина години Разговори на тркалезната маса на критиката по секоја одиграна претстава во официјалната програма.

Треба да знаете
Последни објави