Search

Словенија ги воведе првите унисекс-тоалети, конзервативците се бунат

Појавата на првите унисекс-тоалети во Словенија е придружена со идеолошка и политичка полемика, а особено внимание привлече отстранувањето на класичните писоари за мажи на Факултетот за политички науки во Љубљана.

Дел од јавноста тоа го сфаќа како левичарска провокација и помодарско наметнување на т.н. родова идеологија во образовниот систем, а другиот дел како фаќање чекор со духот на времето, пренесуваат словенечките медиуми.

„Имаме многу трансродни луѓе кои се чувствуваат загрозени во класичните тоалети затоа што се напаѓани поради различноста. Живееме во 21 век и сакаме тие да се чувствуваат безбедно. Ова е најмалку што можеме да направиме“, изјави деканката на факултетот, Моника Калин-Голоб, за порталот за Siol.net.

Конзервативните портали и здруженија имаат сосем поинакво мислење за унисекс-тоалетите.

Уредниците на порталот „Домовина“ се прашуваат дали отстранувањето на писоарите во елитна образовна институција, каде што студирале многу словенечки политичари, е еден вид симболична кастрација на машкиот род и знак за имитација на помодарските трендови во странство.

Покрај тоа, искуствата од странство веќе укажуваат дека воведувањето бесполни тоалети, соблекувални и тушеви предизвикува голем број проблеми поврзани со приватноста, пишува конзервативниот портал.

Треба да знаете
Последни објави