Search

Се огласи целиот СДСМ со поддршка за премиерот Заев

„Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови.

Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ.Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.“ Овие зборови на социјалните медиуми ги пласираат видни функционери на СДСМ во знак на поддршка кон лидерот на партијата и претседател на владата, Зоран Заев. Со јавно изразената поддршка и според содржината во неа, сите функционери, но и органи на СДСМ застануваат за пораките и политиката на Заев. Ставот на СДСМ го споделија министрите Мила Царовска, Бојан Маричиќ, Венко Филипче, Радмила Шекеринска, вицепремиерот Љупчо Николовски, потпретседателите Коста Петров и Мухамед Зекири, пратеникот Коста Костадинов, други пратеници и редица други сопартијци кои се дел од органите на партијата.

Во контекст на поддршката, од СДСМ истакнуваат дека став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи.

Понатаму, во постовите на социјалните медиуми, сите ја пренесуваат и реакцијата наменета за поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. СДСМ не сака да навлегува во неговите лични мотиви искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели.

„Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината. Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ. СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти.“- стои во јавно искажаните ставови на раководството и на членови на органите на партијата.

Треба да знаете
Последни објави