Search

Путин за украинската политика во Донбас

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека смета оти политиката што украинските власти ја спроведуваат во Донбас е само обид да се добие легитимитет.

Путин, по разговорот со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун изрази изненадување од предлогот за  состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради олеснувањето на постапката за издавање на руски пасоши на жителите од Луганск и Доњецк.

Путин потсети дека немало обид да се покрене дискусија пред СБ на ОН поради одлуките да се олесни издавањето на руски пасоши во другите соседни држави и објасни дека таа ситуација по ништо не се разликува од претходните.

Тој нагласи дека луѓето што живеат во самопрогласените републики Луганск и Донецк се во далеку полоша положба и оти постои и хуманитарен проблем.

Претходно, Германија, Франција и САД ја осудија одлуката на Москва да го олесни давањето руско државјанство на Украинците кои живеат во бунтовничките региони во источна Украина.

– Заедно со Франција го осудуваме рускиот декрет кој треба да го олесни давањето руско државјанство на населението во источна Украина, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.

Како што се додава, регионите на кои се однесува овој декрет се дел од територијата на Украина.

Стејт департментот соопшти дека САД ја осудија одлуката на Путин да го забрза обезбедувањето на руското државјанство на Украинците кои живеат во источна Украина.

– Русија, преку оваа провокативна акција, го интензивира својот напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Според претседателскиот декрет, барањата на Украинците од регионите Доњецк и Луганската област ќе бидат решавани во период до три месеци.

Претходно, Кабинетот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини соопшти дека уредбата на Путин со која, меѓу другото, на жителите на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск им се овозможува полесно да добиваат државјанство на Русија, претставува уште еден напад на Москва врз суверенитетот на Украина.

Во соопштението се посочува дека вчерашната одлука на Москва, што доаѓа само неколку дена по украинските претседателски избори, на кои „е покажана силна приврзаност на Украина кон демократијата и владеењето на правото”, ја покажува намерата на Русија за „дополнителна дестабилизација на Украина и влошување на судирот”.

– Се надеваме дека Русија ќе се воздржи од акции што се во спротивност со договорот од Минск и ја попречуваат целосната реинтеграција на подрачјата што не се под контрола на украинската Влада. Сите страни мораат во целост да ги исполнат своите обврски од договорот од Минск. Европската унија останува посветена на својата поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се истакнува во соопштението на Кабинетот на Могерини.

Путин вчера потпиша декрет со кој се овозможува забрзано решавање на барањата за добивање руско државјанство на Украинците кои живеат во Доњецк и Луганск.

Треба да знаете
Последни објави