Search

Продолжуваат апсењата и протестите во Судан, Блинкен го осуди воениот удар

Суданските безбедносни сили уапсија тројца познати личности од продемократското движење, изјавија нивни роднини, додека притисокот врз војската расте по пучот.

Демонстрациите против воениот удар извршен во понеделникот продолжија во Картум и други градови, а многу компании не работат бидејќи одговорија на повиците за штрајк.

Како што пренесуваат странските агенции, превратот се заканува да ја загрози транзицијата на Судан кон демократијата, која започна во 2019 година по соборувањето на долгогодишниот автократски лидер Омар Ал-Башир, по народниот бунт.

Групи од десетици или стотици демонстранти поставија барикади на главните патишта.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во синоќешниот телефонски разговор со суданската министерка за надворешни работи Маријам Садик ал-Махди го осуди военото преземање на власта во земјата и апсењето на цивилни лидери.

Блинкен на Твитер соопшти дека со Ал-Махди разговарале и за тоа како САД можат најдобро да го поддржат повикот на суданскиот народ да се врати на транзицијата кон демократијата предводена од цивили.

Илјадници Суданци излегоа на улиците откако војската во понеделникот ја презеде власта од преодната влада, а неколкумина беа убиени во судирите со безбедносните сили.

Шефот на вооружените сили, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан, кој го предводеше воениот удар, го распушти заедничкиот цивилно-воен совет формиран да управува со земјата до демократските избори по соборувањето на автократот Омар ал Башар со народното востание во април 2019 година.

-Блинкен разговараше за поддршката на Вашингтон за граѓанска транзиција во согласност со суданската уставна декларација, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.

Светската банка ја суспендираше помошта за Судан по државниот удар во земјата, а САД ја замрзнаа помошта од 700 милиони долари.

Африканската унија (АУ), исто така, го суспендираше Судан поради „неуставното” преземање на власта од страна на војската.

Треба да знаете
Последни објави