Search

Приштина му одговори на Брисел: Таксата ќе се укине кога Србија ќе го признае Косово

Владата на Рамуш Харадинај ја одбива понудата од високите претставници на Европската унија (ЕУ) за одредени отстапки кон Косово доколку времено ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовските медиуми објавија попладнево дека Харадинај добил писмо од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, еврокомесарката за трговија Сесилија Малстром и еврокомесарот за добрососедство и проширување Јоханес Хан, во кое се вели дека, меѓу другото, во иднина во ЦЕФТА наместо називот „УНМИК” ќе се користи „Косово”.

За возврат, како што се наведува, тие бараат Косово, „во знак на добра волја”, утре, кога во Брисел ќе се одржи средбата на Советот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, привремено да ја суспендира одлуката за такса на увозот од Србија и БиХ.

Ваквиот предлог, според Халил Матоши, политички советник на Харадинај, за косовската Влада е неприфатлив.

-Таксата ќе се укине само тогаш кога Србија ќе го признае овој правно-политички ентитет и неговата независност, напиша Матоши на Фејсбук.

Тој порачува дека „Косовците се Европјани и не прават компромиси со независноста”.

– Писмото на Федерика Могерини, која ја повикува официјална Приштина на еден пакт на компромис, во суштина е уште еден повик за помалку независност наспроти ЕУ, која не ја признава независноста прогласена од нашата земја и ова не е ниту понуда за компромис, иако во Косово никој нема право да прави компромиси со 17 февруари, со неговиот суверенитет и територијална целовитост, напиша Матоши.

Одлуката на Владата тој ја доведува во врска со денот на независноста на Косово од 2008 година и порачува дека тој датум „нема да се допре”.

-Премиерот Харадинај им има јасно дадено до знаење на пријателите и на непријателите на Републиката: 17 февруари не се допира и за него не се преговара, напиша Матоши.

Веста дека до Владата е стасано писмо од Могерини, Малмстром и Хан ја потврди и шефот на кабинетот на косовскиот премиер, Авни Арифи, кој изјави за медиумите дека Харадинај својот одговор ќе го даде утре.

-Писмото нема да содржи ниту еден ред или некој став кој што не им е познат на граѓаните на Косово. Сите ставови на Владата им се познати на граѓаните, изјави Арифи.

Треба да знаете
Последни објави