Search

Право на глас на косовските избори имаат речиси два милиони лица

Косовската Централна изборна комисија (ЦИК) ги објави денеска официјалните податоци во врска со вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 6 октомври, според кои конечниот список на гласачи содржи 1.937.869 имиња, што е за околу 65 илјади лица повеќе во споредба со последниот изборен процес во земјата – локалните избори од 22 октомври 2017 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку соопштение доставено до медиумите, ЦИК информира дека бројот на гласачки центри е 859, што е за четири помалку одошто на изборите од пред две години, додека бројот на гласачки места е 2.547, што е за околу 42 повеќе одошто на претходните избори.

Избирачкиот список содржи 111.733 нови имиња, од кои поголемиот дел се лица кои меѓу двата изборни процеси станале полнолетни. Од списокот се избришани речиси 47 илјади имиња на лица кои гласале пред две години.

– По локалните избори во 2017 година, 87.180 нови гласачи навршиле 18 години и ќе гласаат за прв пат на предвремените избори за Собранието на Република Косово на 6 октомври 2019 година. 24.553 се гласачи кои не биле во Конечниот избирачки список за локалните избори 2017 година, а кои можат да се сметаат како гласачи заведени за прв пат во Централниот цивилен регистар меѓу двата изборни процеси, односно гласачи кои се стекнале со документи на Република Косово по локалните избори 2017. Бројката на лица кои се исклучени како починати по Локалните избори 2017 и на гласачи кои се откажале од државјанството на Република Косово изнесува 46.917, соопшти косовската ЦИК. 

Треба да знаете
Последни објави