Search

Почеток на ЕУ преговори заснован на заслуги – фокус на разговорите помеѓу МНР Димитров и колегите од Холандија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја заокружи работната посета на Хаг, Кралството Холандија со средба со холандскиот колега, министерот за надворешни работи Стеф Блок. Притоа, МНР Димитров го брифираше холандскиот министер за текот на домашните реформи во клучните области, со фокус на постигнувањата во имплементацијата на законските решенија и плановите за натамошно продлабочување на реформските напори. Воедно, МНР Димитров се осврна и на односите со соседите и пресвртот што земјата успеа да го постигне преку склучувањето на договорите со соседна Грција и Бугарија, како редок пример за визионерско лидерство во Регионот. Во таа смисла, МНР Димитров укажа дека отворањето на процесот на пристапни преговори ќе значи консолидација на успехот што го постигнавме и поттик да продолжиме да работиме на домашен терен.

– „Позитивна одлука ќе означи почеток на еден долг процес, каде напредокот не доаѓа сам по себе, туку е резултат на посветена работа и темелно унапредување на процесите во земјата. Ние сме силни поддржувачи на принципот „стриктно и фер”! Би сакале да бидеме оценувани за тоа што можеме да го направиме и да бидеме оценувани строго. Доколку има напредок да има и негово признавање. Нашата цел е Северна Македонија да ја направиме модерна Европска демократија. Таму не претендираме да стигнеме преку ноќ, туку преку работа и доследно придржување до суштината на процесот.”- вели Димитров.

Во рамки на посетата, министерот Димитров имаше обраќање и пред парламентарната Комисија за европски прашања каде го презентираше напредокот на Република Северна Македонија во изминатиот период и спремноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ, до крајот на годинава.  Зборувајќи за перспективата на Северна Македонија и Регионот, МНР Димитров истакна: „Сметам дека тоа што е потребно во нашиот регион е помалку политизирање, а повеќе здрав натпревар на заслуги. Потребна ни е Олимпијада на реформи на Балканот со цел да се мотивираме меѓусебно и да правиме повеќе во корист на нашите граѓани.”

Од страна на холандските пратеници особено беа поздравени големите напори за враќање на земјата на европската патека и дадено охрабрување за продолжување по овој пат во периодот што претстои.

На средбата со Матијс ван дер Плас, генерален директор за европска соработка во Министерството за надворешни работи беше акцентиран реформскиот напредок на земјата, надминувањето на отворените прашања со соседите, а се дискутираше и за актуелните состојби во земјата и Регионот.

Треба да знаете
Последни објави