Search

По ГТЦ, со графити ќе се разубавува и катната гаража „26 Јули“

Младински културен центар распишува повик за избор на 6 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот убав или Skopje street and art gallery 2“.

Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност.

„По одлично реализираната прва галерија на отворено во рамки на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – Градскиот трговски центар, ја продолжуваме оваа иницијатива за создавање  втора таква галерија, која ќе се реализира во катната гаража ’26 Јули’“, информираат од МКЦ.

За учество на повикот, заинтересираните треба да достават по електронски пат портфолио со претходно реализирани мурали на или во слични манифестации и опционално нивната замисла (скица) за посочениот простор.

Активностите ќе се реализираат од 20 до 22 декември 2019 година.

„За реализација на делата е предвидена временска рамка од 3 дена, на еднакво распределени површини / 1 x (10m x 2.5m) + 2x (2x 2.5 m) /. Организаторот за потребите на проектот ќе обезбеди материјали за изработка на делата, храна и пијалаци во текот на работењето, фотодокументација и архивирање, како и еднакви хонорари за авторите согласно обезбедените средства“, се наведува во соопштението на МКЦ.

Материјалот електронски може да се достави најдоцна до 10 декември годинава, на адресата: info@mkc.mk со наслов на пораката: Име и презиме / Skopje street and art gallery 2.

Организаторот на 12 декември јавно ќе ги објави резултатите.

Од МКЦ нагласуваат дека нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, дискриминаторски пораки и навреди на која било основа.

Треба да знаете
Последни објави