Search

Пановски ги посетил ковид центрите на интерните клиники, правилно се третираат пациентите

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, како и целокупниот медицински персонал во Ковид центрите во Скопје, се заблагодаруваат на д-р Никола Пановски, универзитетскиот професор по микробилогија, голем и докажан стручњак во областа за тоа што ја прифати поканата да ги посети ковид центрите на интерните клиники во Клиничкиот центар. Професорот Пановски, откако посети дел од Ковид центрите на Интерните клиники, направи визита и преглед на пациенти и нивните болнички истории, до министерот Филипче испрати стручно мислење во кое опфаќа три сегменти – оргазнизација на ковид центрите, стручен кадар и со каква терапија се лекуваат болните пациенти.

„Организационо солидно се поставени центрите, со јасна поделба на зелена и црвена зона, персоналот е адекватно заштитен, а тоа што јавноста треба да го знае, е дека во сите тие центри постојано има присутен пулмолог, а не како што пишуваат по социјалните мрежи дека таму лекувал на пример офталмолог. Со четворица од нив разговарав, со двајца лично, со две преку телефонска видео врска.” – пишува проф. д-р Никола Пановски.

Во стручното мислење, проф. д-р Пановски пишува и за начинот на лекување на болни и заразени со Ковид 19. Тој констатира правилно давање на антибиотици и други лекови, посочувајќи случај, со ковид пациент кој има хронично заболување леукемија, лекарите со соодветна терапија успеале леукоцитите од 120 да му ги намалат на 35, а ЦРП од 300 на 50.

„Што се однесува до терапијата со антибиотици, за дијагнозата пневмонија, се почитуваат протоколите за лекување, и антибиотици се ординираат според клиничката слика, компјутерска слика на белите дробови и комплетни лабораториски наоди, каде се користи и најосетливиот маркер за диференцијација на вирусна од бактериска инфекција, прокалцитонинот. Се почитуваат протоколите за антибиотска терапија на пневмониии, како на пример монотерапија со респираторен кинолон, или комбинација на беталактам (цефтриаксон) со макролид (азитромицина најчесто) и кај тешките форми, каде нема ефект од оваа терапија или постои сомнение за болнички стекната пневмонија, се ординира карбапенем (имипенем или меропенем) со ванкомицин. Кај еден од случаите кои беа дел од анализата, лице кое покрај ковид има и леукемија, лекувањето е во корелација со хематолог, пациентот имал леукоцити 120, ЦРП 300, а сега со спомената терапија, леукоцитите паднале на 35, а ЦРП на 50. За сега немало потреба од употреба на колистин. Инаку кај нас, особено на КАРИЛ постојат болнички соеви на Грам негативни бактерии кои се остеливи само на колистин.” – стои во дописот на проф.д-р Пановски до министерот Филипче.

Доктор Пановски посочува дека освен во коивд центрите на интерните клиники, треба да се провери како се организирани ковид центрите во внатрешноста. Министерот Филипче смета дека од големо значење е стручната експертиза на д-р Пановски, во борбата против вирусот Ковид 19, па затоа професорот има отворена покана да допринесе со своето знаење и искуство и да посети други ковид центри, во останатите градови низ државата.

На крајот од дописот проф. д-р Никола Пановски, не ги штеди пофалните зборови за органзиационата структура, која министерот Венко Филипче му ја довери на проф. д-р Дејан Докиќ кого го назначи за координатор на ковид центрите во интерните клиники.

Треба да знаете
Последни објави