Search

Обединетата опозиција на Србија апелира до ЕК да ја вклучи Србија во набавката на вакцини

Обединетата опозиција на Србија апелираше до Европската комисија да ги вклучи Србија и другите земји од Западен Балкан во заедничката набавка на вакцини против вирусот „ковид 19″, наведувајќи дека ЕУ со тоа „ќе докаже дека здравјето на сите во Европа е подеднакво важно”.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Обединетата опозиција во соопштението до медиумите потсети дека на Западен Балкан живеат речиси 20 милиони луѓе, кои, заслужуваат помош на ист начин како и другите граѓани на Европа.

-На овој начин, ЕУ би покажала дека европската солидарност не е резервирана само за оние кои живеат во земјите на ЕУ, туку е вредност која не знае за граници, се вели во соопштението.

Во него се оценува дека ова е од особено значење за Србија затоа што претседателот Александар Вучиќ „изјави дека се водат преговори за набавка на пет милиони вакцини кои, наводно, биле тестирани на одредено население”.

-Во медиумите се шпекулира дека станува збор за вакцини произведени во Кина. Не можеме да зборуваме за квалитетот на таа вакцина, но веруваме дека граѓаните на Србија, како и на целиот Западен Балкан, треба да бидат заштитени со исти вакцини како и сите други европски граѓани, се наведува во соопштението.

Апелот до ЕК е испратен од Партијата за слобода и правда (ССП), Демократската партија (ДС), Народната партија (НС), Движењето за промени, Граѓанската платформа, Движењето „Слободна Србија”, Државотворното движењето на Србија и Обединетиот синдикат на Србија Слога.

Треба да знаете
Последни објави