Search

МОН: Исплатата на повисоки плати во високото образование мора да биде согласно со законските прописи

– Почитувајќи ја автономијата на високо образовните установи и слободата во работењето и управувањето, Министерството за образование и наука не смее, не дало и нема да даде насока како вработените на високо образовните установи синдикално да се организираат, соопшти МОН попладнево откако вчера и денеска Независниот академски синдикат (НАкС) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) реагираа на повикот од ректорите, а на барање од МОН, да се основа Синдикат на вработените во високото образование кој ќе потпише колективен договор со што ќе се овозможи академскиот кадар да го добие најавеното зголемување на платите за 10 отсто од јануари.

Од МОН наведуваат дека за целосно да се исполни последната владина одлука за зголемување на платите на вработените во областа на образованието и науката, кои согласно дефинираниот план заедно со синдикатите што се спроведува две години, а во насока мотивација и стимулација на работата на просветните работници и научници, преостанува уште да се изнајде модел, односно решение за исплата на покачувањето на платите во високото образование.

Тоа решение како и во сите други случаи, посочува Министерството,  мора да биде во согласност со позитивните правни прописи во земјата и дека во таа насока министерот за образование и наука минатата недела остварил средба со ректорите на јавните универзитети на која укажал и се говорело и за изнаоѓање законско решение за исплата на зголемувањето на платите за 10 отсто на вработените на високо образовните установи.

-Имајќи предвид дека во моментов не постои склучен Грански колективен договор за високото образование, согласно Законот за работните односи со кој се уредува колективното договарање, единствениот начин за исплата на покачувањето на платите е да се склучи колективен договор на ниво на работодавач. Во овој случај, работодавач е секој универзитет и тој треба да склучи колективен договор со синдикат во кој треба да членуваат најмалку 20 отсто од сите вработени на истиот. Дали вработените на универзитетите ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со истиот, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети, или пак ќе се приклучат кон СОНК или кон НАкС и ќе го исполнат условот за репрезентативност според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20 отсто од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените на  универзитетите, наведува МОН во дописот.

Потсетува дека лани Владата донесе одлука за зголемување на платите на вработените во областа на образованието и науката – за вработените во основните, средните училишта и високо образовните установи за 10 проценти и за вработените во јавните научни установи за 25 проценти. Врз основа на гранските колективни договори во основното и средното образование, со СОНК е потпишана спогодба и исплатата на покачувањето започнува од следниот месец, односно со исплатата на јануарската плата, а за реализација на покачувањето на платите на вработените во седумте јавни научни институти, беа потпишани колективни договори на ниво на работодавач.

Треба да знаете
Последни објави